Шивачи што изработуваат венчаници, цвеќарници што продаваат цвеќе и разни декорации, златарници, фотостудија, ресторани, како и цела малопродажба за облека, бела техника и други производи кои најчесто се купуваат кога се прават свадби, се бизнисите што цветаат во мај и во јуни.

Трговците и угостителите признаваат дека во овие два месеца имаат најинтензивна работа во споредба со остатокот од годината, кога помалку им порачуваат и помалку продаваат.

Покрај рестораните, свадбарската потрошувачка треска е корисна за повеќе бизниси, но едни од основните се шивачниците за изработка на венчаници.

Фотостудија, декоратери, златари - бизниси што цветаат оваа сезона.

Фотостудија, изработувачи на китенки и покани за свадби, златарници, се исто така некои од бизнисите што процветуваат во сезоната на свадбите во Македонија, а посебно во Скопје.

Фотографи и камермани кои работат за познати фотостудија во Скопје велат дека во овој период одбиваат друг вид работа затоа што во свадбите лежи ќарот.

Изработувачи на свадбени бонбончиња, китенки и друг вид декорации исто така раскажуваат дека во овие месеци не можат да постигнат да изработат сè што им се порачува, па ангажираат дополнителен број луѓе да им помагаат.