Сериозна, но минлива е здравствената состојба на Трајковски – „ТНТ“ продолжува за 15 дена

Сериозна, но минлива е здравствената состојба на обвинетиот Тони Трајковски во предметот за уривањето на комплексот „Космос“, соопшти денеска неговиот адвокат Јовица Страшевски, откако денешното рочиште се одложи за 6-ти февруари годинава.

На денешното рочиште образложение за здравствената состојба на Трајковски даде докторката која издала потврда дека обвинетиот не е во состојба да ги следи рочиштата, но на барање на адвокатот Страшевски, јавноста беше исклучена.

Адвокатот Страшевски, по завршувањето на денешното рочиште, рече дека неговиот клиент не дошол на денешното рочиште по препорака од доктор.

– Денеска Тони Трајковски не дојде по препорака од доктор, кој го издаде извештајот, дека не може да присуствува на судење. Докторката дојде и на затворена седница, ја кажа причината и ја образложи дијагнозата. Кажа дека е од времен карактер и се надева на подобрување на состојбата во текот на следните 10-15 дена, изјави Страшевски.

Предметот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.

Првото рочиште за судењето за „ТНТ“ се одржа на 24.01.2018 година, но поради истекот на мандатот на еден од членовите на судечкиот совет процесот се врати од почеток.

За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.