Секоја десетта фирма во Македонија не исплатила минимална плата во септември

10% од компаниите во земјава не исплатиле минимална плата за септември, а само 2.300 компании побарале субвенции за исплата на минимална плата.

Од министерството за труд и социјална политика велат дека тоа е под очекуваната бројка, но и дека тоа значело дека ако не бараат пари, веројатно биле финансиски способни да ги исплатат вработените.

Инаку текстилците пред неколку недели се пожалија дека малиот интерес за субвенции е резултат на стравот кој владее кај компаниите дека ќе им дојде инспекција и ќе ги казни за периодот во кој не исплатиле минимална плата, бидејќи за нив тоа е преголем финансиски товар.

Работниците да не молчат и да ги пријават газдите кои ќе се осмелат да им побараат да вратат дел од парите кои ги добиваат како минимална плата – апелираат од Стопанската Комора на Македонија. Сметаат дека пријавите до државниот инспекторат за труд се клучни за стопирање на оваа навика на работодавачите која  е најприсутна во секторите каде се најниски платите, како што се текстилниот и кожарскиот сектор.

Токму компаниите од текстилниот и кожарскиот сектор во повеќе наврати побараа посебни мерки за помош на овие две гранки. Сметаат дека ако плаќаат иста сума за придонеси за плати од 12 илјади  до 18 илјади денари, барем во следните 3 години, финансиски ќе застанат на нозе и ќе можат да размислуваат за зголемување на платите во овој сектор, а освен тоа би се елиминирале случаите на исплата на плата во кеш.