Секој ден од ОХИС се враќавме со главоболки и лошење, си велевме, некој и тоа мора да го работи

– Како многу опасен, Германија го исфрли линданот од употреба пред 30 години и го забранија, а кај нас продолжи да се произведува бидејќи одеше за извоз. За остатокот од линданот има различни шпекулации, но што е точно ретко кој знае. Сум слушнала дека во Пелинце нешто е закопувано таму од тие остатоци од производството. Колку е ова точно, не знам. Велат дека има закопувано нешто и меѓу Пинтија и Драчево, вели за весникот Вечер поранешна вработена, инженер технолог во пензија.

Таа раскажала за искуството кое го имала работејќи 6 години во хемиската лабораторија каде се испитувале мономерите на опасните супстанци.

– Секоја цистерна кога ќе дојдеше во погон, ни носеа примероци во стаклени шишиња. Конкретно јас бев надлежна да ја работам таа анализа. Со микрошприц земав примерок. Некои анализи се правеа на отворено. Истураш од шишето 100, 200 милилитри од супстанцата, значи сме доаѓале во директен контакт. Реагенсите со кои се вршеа анализите и тие беа миризливи. Метил акрилатот многу лошо мириса, така што самото тоа нè тераше да работиме во дигестар и да се заштитиме. Кога ќе завршевме со анализите, примероците ги фрлавме во буриња, а каде, пак, нив ги носеле не знам, веројатно повторно ги враќаа во погон, вели таа.

Инжинерката во пензија додала дека постојано имала главоболки кога ќе се вратела од работа, а слични симптоми имале и другите во лабораторијата.

– Имав главоболки, лошење, некогаш и повраќав. Не обрнував внимание на тоа, знаеш дека работиш со такви материи, дека некој мора тоа да го работи. Си се определил за таа струка и го работиш.