„Секој ден да е безбеден“ - децата со повик за повисоко ниво на свест и внимателно учество во сообраќајот

Во рамки на кампањата „Секој ден да е безбеден“, која ја организира Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, децата од основните училишта ширум Македонија, преку заеднички пораки, испратија апел до возачите за нивно одговорно учество во сообраќајот.

Безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност на возрасните! Ние сме иднината! Чувајте ги децата во сообраќајот! Јас сум само дете - ти си одговорен! Во близина на училиште намали ја брзината! Биди совесен возач! - ова се само дел од пораките, кои денес децата од повеќе од 100 основни училишта, од сите страни на Македонија, заеднички ги испратија до возачите.

„Да се биде дете и да се учествува во сообраќајот не е едноставна работа и тоа возрасните секогаш треба да го имаат предвид. Кога ќе се случи некој трагичен настан, сите сме вознемирани и сите делиме совети како треба да се однесуваме во сообраќајот, но на наше огромно жалење таквите совети траат кратко, а секојдневната пракса и начинот на кој се однесуваат возачите во сообраќајот го потврдуваат токму спротивното. Токму затоа, апелираме до сите возачи - да го слушнат гласот и пораките кои денес децата ни ги испраќаат и да размислиме добро затоа што тоа се искрени детски пораки и се однесуваат на сите нас! За жал, брзиот начин на живеење, динамиката и темпото на работа, ни оставаат многу малку време да размислуваме за најважното, за безбедноста на нашите деца во сообраќајот и затоа целта на денешната акција беше да се потсетат возрасните на децата и на потребите кои тие ги имаат за да бидат сигурни и безбедни во сообраќајот“ – истакна Ристо Манчев, Секретар на РСБСП.