Секој човек ја живее својата вистина и не може да го види она што не му припаѓа...

Годините минуваат и веќе помина подолго време откако тргнав кон патот кон себеспознавање и чекор по чекор се менував и повеќе не сум истата личност која бев на почетокот на патот. Спознавајќи се себеси јас многупати умрев и одново се родив, затоа што секое спознание беше ново раѓање, а секоја напуштање на цврсто засадените уверување беше како смрт на она што некогаш го сметав за дел од себеси. 

Кога ќе се осврнам и навратам на минатиот пат и ги видам сите минати уверувања кои повеќе не ми припаѓаат, се замислувам и се насмевнувам на сите оние лаги кои порано ги живеев и кои ги прифаќав како апсолутна вистина и кои никогаш нема да се променат. 

Не само што ги живеев, туку ги бранев со цело срце, мислејќи дека тоа ми е должност. Ех, колку лесно можеме да паднеме во заблуди, мислејќи дека знаеме нешто, и колку само си крадеме среќа и радост од самите себеси и ја гушиме сопствена слобода на живеење, а не сме ни свесни за тоа. 

Да ми кажеше некој пред 15 години дека денес ќе бидам она што сум, јас сигурно ќе се изнасмеев. И поради сето ова ги разбирам оние кои денес ѝ се смеат на мојата вистина, затоа што тие не ја разбираат мојата вистина. Секој ја живее својата вистина и не може да го види она што не му припаѓа.