Сегашноста е единствениот момент во кој можеме да влијаеме на нашиот живот

Нашиот ум не е баш расположен да биде во сегашноста. Тој повеќе сака да живее во минатото и во иднината. Ако малку подобро размислите, ќе видите дека тоа е и вашето искуство и практика. Каде е вашата концентрација кога се туширате? Дали сте целосно присутни во моментот или цело време размислувате за тоа што ќе правите подоцна или што се случило вчера? Каде е вашиот фокус додека ручате? Дали сте целосно свесни за вкусот на она што го јадете? Дали сте присутни во сопствениот живот?

Да се биде присутен во сегашноста е неверојатно корисно. Всушност тоа е единствениот момент во кој постоиме. Сегашноста е единствениот момент во кој можеме да влијаеме на нашиот живот. Дури и сеќавањата на нашето минато се случуваат сега, само не сме свесни за тоа и тоа е причината поради која ни е толку тешко да се сконцентрираме на сегашноста. 

Свесноста треба да се негува во секојдневната интеракција со светот и во активностите кои можеби не ги сакаме како пеглање, перење садови, плаќање сметки и слично. Кога сме со нашите блиски, кога го правиме она што го сакаме, кога сме уморни, кога сме сами. Животот со таква свесност има нешто многу скапоцено во себе, а тоа е да се биде присутен во секој момент во животот и им дозволиме на искуствата едноставно да бидат наши искуства. 

Важно е да знаете дека проценките и анализирањата не се дел од нашата вистинска природа, туку нешто што сме го научиле. Кога проценувате нешто и го оценувате како мирно, прекрасно, глупаво, безвредно, безнадежно, среќно, итн., тоа се етикети кои нашиот ум ги доделува полесно да ги категоризира работтите кои ги доживуваме, а тоа се само илузии кои често нѐ ограничуваат.