Седум реквизити за новиот Луна парк во Скопје (фото)

Градските власти денеска го објавија тендерот за набавка, транспорт и монтажа на реквизити за новиот Луна парк во Скопје.

Станува збор за седум реквизити со проценета вредност од 109.217.850 денари, односно над 1,7 милиони евра без вклучен ДДВ.Повикот за доставување понуди од заинтересираните компании е отворен до 4 април, по што ќе се избере најповолниот понудувач. Овие седум реквизити се само дел од содржините на новиот забавен парк предвиден да се издигне во Градскиот парк. Во натамошните фази ќе се распише тендер и за купување на преостанатите реквизити во новиот Луна парк, кој вклучува два адреналински, шест семејни и 18 детски реквизити.

Градот Скопје во претстојниот период треба да распише и друг тендер за пронаоѓање на изведувач на градежните работи во склоп на новиот Луна парк. Севкупните активности за изградба на идниот забавен парк треба да се завршат до 2018 година. Вкупната вредност на проектот ќе изнесува 6,5 милиони евра, кои е предвидено да се обезбедат од градскиот буџет. Забавниот парк со предвидена површина од околу 40.000 метри квадратни ќе се издигне на местото на постојниот Луна парк, но ќе се прошири и кон просторот на кој во моментов се наоѓаат летните дискотеки.

Новиот Луна парк се гради по теркот на победничкото идејно решение на авторите Климент Патчев, Филип Конески, Борис Јурмовски, Марјан Димиќ и Борко Георгиев. Како ретко кога досега, младите архитекти беа отворени кон македонската јавност и самите пројавија желба јавно да ја образложат идејата на нивното дело што ќе го краси Градскиот парк. Основниот проект за планираниот забавен парк го изработи фирмата „Билд Урбан“.