Седми меѓународен женски сателит турнир во одбојка 2016

Од утре, до 4 септември, по седми пат ќе се одржи традиционалниот меѓународен турнир во одбојка на песок „2016 CEV BEACH VOLLEYBALL WOMEN SATELLITE SKOPJE“.

- Во изминативе седум години Градот Скопје перманентно работеше на граѓаните на Скопје да им создаде услови за спортување и реакреација на повеќе локации низ градот. Направивме велосипедски патеки по должината на кејот на реката Вардар, а изградивме и две игралишта за одојка на песок. Овие две игралишта се отворени за реакреација на граѓаните од месец мај до првата половина на месец октомври од 10 до 24 часот, секој ден во неделата и не радува фактот што е голем интересот за нивно користење. Како што веќе знаете Градот Скопје заедно со Одбојкарската федерација на Македонија веќе 7 години го организира меѓународниот женски сателит турнир во одбојка на песок и им овозможуваат на посетителите да уживаат во врвни натпревари во одбојка на кејот на реката Вардар. Ги покануваме граѓаните да дојдат и сите заедно да уживаме натпреварите на 25 женски двојки од 16 држави од цела Европа. Градот Скопје и оваа година е покровител на турнирот и го поддржува со милион денари, истакна на денешната конференција за медиумите Зоран Шишковски, раководител на Одделението за Спорт при Секторот за јавни дејности на Град Скопје.

Генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија, Зоран Карановиќ, изјави дека оваа година за прв пат на овој турнир ќе дојде и првиот човек на европската одбојка, претседателот на ЦЕВ Александар Боричиќ, а го изрази и своето задоволство од присуството на супервизорот од ЦЕВ, Тошо Стојанов од Бугарија.

Супервизорот од ЦЕВ, Тошо Стојанов, на прес-конференцијата ги пофали организаторите на турнирот, односно Градот Скопје и Одбојкарската федерација на Македонија за одличната соработка и кажа дека се надева дека сите заедно ќе успејат да го направат овој турнир поуспешен од ланскиот. Тој, исто така, ги повика медиумите да рабоотат на промовирање на овој спорт,одбојка на песок, и да придонесат за негова поголема популаризација.

Турнирот ќе се одржи од 1 до 4 септември, на веќе познатата локација во градскиот парк покрај кејот на реката Вардар.

Оваа година можеме да се пофалиме со најголем награден фонд од сите преостанати организатори на сателит - турнирите низ Европа.