Се зголемува интересот кај македонските граѓани за рана уплата на летните одмори

Се зголемува интересот кај македонските граѓани за рана резервација односно уплата на летните одмори дури и шест месеци пред поаѓањето, а главна причина за тоа е што туристичките агенции нудат сѐ поголеми попусти за предвремено плаќање на летните аранжмани. Туристичките работници потврдуваат дека граѓаните сѐ повеќе се освестуваат и сфаќаат дека со добро и навремено планирање на финансиите за летните одмори можат да заштедат и до неколку стотини евра во една сезона. 

Раните уплати започнаа со голем попуст од 30 отсто за апартмани, а хотелите достигнаа и попуст дури до 45 отсто.

Побарувачката за рани резервации годинава е многу поголема отколку порано. Процентуално најмногу аранжмани за летување се продадени за Грција, односно дури 40 отсто од сместувачките капацитети, а најмногу во мај, јуни и септември. За Бугарија се продадени 25 отсто од капацитетите. 

Има голем интерес и за Калабрија, Италија, и Палма де Мајорка, Шпанија, а за овие дестинации има значителна пополнетост на капацитетите од 15 отсто досега.

 

Извор: новамакедонија.мк