Се затвора Заводот во Козле, 8 медицински лица и двајца пациенти имаат корона вирус

Тројца пациенти на Инфективната клиника се ставени на респиратор, а уште девет се на дополнителна кислородна поддршка.

Денеска во Инфективната клиника има сместено уште осум пациенти, а вкупно има 47.

Во Струга има почината пациентка која имала хронична респираторна болест, но немала корона вирус. Посмртно земени се материјали и се чекаат резултатите за да се види дали и таа била заболена од Ковид 19, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Од денеска работи уште еден пункт за тестирање, тоа е поликлиниката Чаир, а од среда и „Млин Балкан“, заради големиот број лица кои треба да се тестираат на корона вирус, а согласно податоците од матичните лекари и користењето „Мој термин“ за закажување.

Филипче најави отворање уште еден или два пункта во Скопје, поради бројот на жители на градот.

За Центарот за рехабилитација, каде беше сместен еден пациент на кој му беше дијагностициран Ковид 19, се утврдило дека десет лица се исто така позитивни на корона вирус, од кои осум се медицински работници. Центарот во следниот период нема да работи, а пациентите од таму ќе ги прима „8 Септември“.

Клиниката за кожни болести почна да функционира, а во следните денови ќе се воспостави распоред како ќе се примаат пациенти.