Се заменуваат старите водомери, со нови дигитални

ЈП Водовод и канализација интензивно работи на замена на старите со нови дигитални водомери. Досега сменети се водомерите на нешто повеќе од 6.000 домаќинства во главниот град, информираа од јавното претпријатие.

Вкупно, пак на територијата на Скопје треба да се стават во функција 190 000 нови водомери.

Електронските водомери се поставени во општините Аеродром, Чаир, Сопиште и Центар. Лани 800 водомери со модули за далечинско отчитување беа поставени во Сопиште во вредност од 4,8 милиони денари. Во Општина Центар беа заменети 1.400 вакви водомери. Додека од почетокот на 2017 година до април замена е извршена на водомерите кај 520 домаќинства.

Со поставување на овие модули, значително ќе се олесни читањето на водомерите на корисниците, а бенефит од истото ќе имаат и граѓаните и ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Со инсталирање на овие модули за далечинско отчитување, повеќе нема да има потреба од влегување на инкасаторите на имотот на граѓаните. Водомерите се отчитуваат преку блутут со далечина до 400 метри. Инкасаторите се опремени со ресивер и таблет, преку кои ќе се собираат точни бројки од водомерите, со што се надминува и проблемот со нередовно читање или сметки кои пристигнуваат со паушал.

Со новиот систем се очекува под контрола да се стават кражбите на вода како и дефектите. Уште една поволност е што вработените на Водовод нема да мора да влегуваат во дворовите на граѓаните.

Отчитувањето на електронските водомери се одвива преку модулите за далечинско отчитување на податоците кои работи со блутут-технологија. Преку рачен компјутер се преземаат податоците од самиот водомер. Освен тоа со индустриските водомери во правните субјекти како поголеми протоци вода, се мерат и малите протоци кои придонесуваат за поголема точност при отчитувањето како и за намалување на загубите при испорака на вода. Вградувањето на целокупната опрема за новите водомери вклучува радиомодули за директна монтажа на стаклото на водомерот, сет за радиоотчитување и софтверски пакет за радиоотчитување.

Освен во Скопје електронски водомери се поставени во делови од Гевгелија, Прилеп, Виница и Штип