Се укинуваат Новогодишниот и Божиќниот концерт

Двата празнични концерти, Новогодишниот во МОБ на 1 јануари и Божикниот на Филхармонијата на 7 јануари се укинуваат. Од двете институции, сметаат дека овие концерти не треба веќе да се одржуваат, бидејќи се економски неисплатливи и ја оптоваруваат публиката и уметниците…

Македонската опера и балет нема да го одржи Новогодишниот концерт на 1 јануари, а се укинува и Божикниот концерт на Македонската филхармонија на 7 јануари. Ваквата одлука донесоа новите раководства на двете државни институции од областа на културата, кои сметаат дека двата празнични концерти, се економски неисплатливи и претставуваат оптоварување за публиката, но и за уметниците. Концертите кои беа воведени во 2015 со одлука на Влада, со цел да станат традиција, предизвикаа бројни реакции кај вработените на двете институции.

Од МОБ и Филхармонијата велат дека веќе постојат традиционални концерти кои долги години се одржуваат непосредно пред и по Новогодишните и Божикните празници и се одлично посетени.

В.д. директорот на Македонската опера и балет, Илија Рајковски, за Вечер истакна дека ќе продолжи практиката за традиционален Василичарски концерт, востановен 90-тите години, кој ќе се одржи на 12 и 13 јануари и за кој додава, постои голем интерес од страна на публиката.

“Сметаме дека нема потреба да ја оптоваруваме публиката со два новогодишни концерти во две институции. Македонската филхармонија веќе одржува Гала новогодишен концерт неколку дена пред Новата година и затоа нема потреба да се одржува уште еден за толку кратко време. Ние, сепак, имаме ограничен број на публика и од економски причини не треба да се дуплира програмата. И мојот личен став е дека нема потреба на 1 јануари да правиме новогодишен концерт, како копија на она што се прави во Виена. Од друга страна, тоа е празничен ден кога граѓаните имаат веќе испланирани посети, славења, семејни собири… Затоа и сметаме дека нема потреба да правиме концерти на самиот ден-празник. Од друга страна за кратко време се навлегува и во традиционален Василичарски концерт, кој навистина предизвикува огромен интерес и е одлично посетен”, вели Рајковски.

Со сличен став се и во Филхармонијата.

“Филхармонијата ќе одржи Новогодишен концерт и како директор стојам на ставот дека не треба да се одржува Божикниот концерт на 7 јануари, и тоа на пладне, бидејќи мора да признаеме, тој ден луѓето одат во црква, подготвуваат семејна трпеза…”, вели за Вечер, в.д. директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески.

Оваа година насловен како “Полноќни огномети”, Гала новогодишниот концерт на Филхармонијата ќе се одржи на 28 декември, под диригентската палка на Јерухам Шаровски. Како солисти на концертот ќе настапат Милена Арсовска – сопран и Иван Наумовски – баритон.