Од почетокот на годинава досега во Македонија нема ниту еден случај, но не се исклучува малите сипаници да се појават, со оглед дека последните три години се вакцинираат се помалку деца.

Во Европа се шири епидемија на мали сипаници, особено во државите во кои е забележано намалување на процентот на вакцинирање на децата. На ова предупредуваат од Светската здравствена организација укажувајќи дека најкритично е во Италија и во Романија.

Само од почетокот на годинава досега во Италија се разболеле 200 луѓе, а во Романија се регистрирани 3.400 случаи на мали сипаници, од кои 17 починале. Ситуацијата е загрижувачка и во Франција, Германија, Полска, Швајцарија, како и во Украина, каде бројот на заболените е во постојан пораст.

Во Македонија засега е мирно. Од почетокот на годинава досега во земјава нема ниту еден случај на мали сипаници. Сепак, не се исклучува болеста да се појави, со оглед дека во последните три години се вакцинираат с` помалку деца, па опфатат е под 90 отсто. Така, од 93,3 проценти опфат во 2014, во 2015 година со вакцина против мали сипаници биле вакцинирани само 88,8 отсто од децата, што е многу под опфат од над 95 отсто колку што препорачува СЗО. Во 2016 година опфатот е уште помал. Анализите покажуваат дека со првата вакцина биле вакцинирани 82,1 отсто, додека со ревакцината се опфатени 93,3 проценти од децата.

„Податоците за опфатат за вакцинација се сe поалармантни, па не е исклучено и кај нас да се појави некој случај, или, пак, да пламне некоја епидемија на мали сипаници. Особено што од 2008 година досега во Македонија имаше три локални епидемии на оваа болест. Последната е од 2014 и тоа во Скопје кога имаше 112 заболени“, вели д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.

Единствена заштита против сипаници е вакцинирање, но тоа има ефект само ако се вакцинирале барем 95 проценти од населението, нагласува од СЗО.

 

Извор: utrinski.mk