Се реконструираат повеќе улици во населеното место Инџиково (ФОТО)

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски денеска извршија увид во градежните работи во реконструкцијата на повеќе улици ви населеното место Инџиково.

- Станува збор за повеќе улици кои се асфалтираат како дел од големиот проект за реконструкција на оштетената инфраструктура од поплавите минатата година. Во моментов во финална фаза на реконструкција на неколку улици во Инџиково, каде главната улица е со широчина од 5,5 метри, а покрај нов коловоз, извршена е и изградба на тротоар од едната страна. Покрај главната улица, во фаза на асфалтирање се и три споредни улици, кои се со широчина од 3,5 метри. Вкупната должина на улиците кои во моментов се реконструираат во Инџиково изнесува 1600 метри, изведувач е фирма Бауер БГ Скопје, а за оваа намена се издвоени 18 милиони денари – кажа градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Трајковски изјави дека најголемиот дел од улиците кои беа оштетени со големите поплави минатата година се завршени или се во завршна фаза, а дека ангажираните фирми и ЈП „Улици и патишта“ интензивно работат на нивно завршување.

Градот Скопје, со Одлука на Советот на Град Скопје, минатата година додели 150 милиони денари, или 2,5 милиони евра за санација на оштетената инфраструктура во сите населени места кои претрпеа штети за време на поплавите минатиот август.