Шокантна информација, пренесува ЕКИПА, денеска добиле најдобрите ракометарки на ЖРК Вардар од раководството на клубот. „Вардарки" се информирани од челниците веќе слободно да почнат да си бараат нови клупски средини за следната сезона.

Според нашите информации, овој состав на ЖРК Вардар ќе ја одработи актуелната сезона со желба и за стигнување до европската титула, а од следната тимот ќе се темели исклучиво на млади македонски ракометарки. Сето тоа само ги потврдува веќе добро постоечките шпекулации во домашната ракометна јавност за тивко стивнување на најдобриот женски ракометен колектив во земјава.

Согласно најавите во јуни од Вардар заминуваат и Андреја Лекиќ, Драгана Цвијиќ и Јованка Радичевиќ, само како дополнение на веќе најавеното заминување на Французинката Александра Лакрабер која веќе потпиша од јуни со францускиот Флери.

Веќе е најавено заминување и на голманката Амандин Лејно која најверојатно кариерата ќе ја продолжи во унгарски Ѓер, а претходно за свое ракометно пензионирање информираше Андреа Пенезиќ.