Се повеќе деца не прозборуваат и до четвртата година од возраста - која е причината?

Ова тригодишно дете пред три месеци не зборувало. Не можело да каже ни мама ни тато. Родителите забележале дека не е како неговите врсници. Откако им кажале дека нема органски заболувања завршиле во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас. По работата со логопед веќе знае да ги идентификува членовите на семејството.

Детето беше со комплетно отсуство на говор. Три месеци е во кабинетот за рана интервенција и овој период на рехабилитација покажува дека напредува добро и веќе има фонд на околу 50 зборови, вели др-сци Ана Поповска, раководител на одделение за логопедија во Заводот, во изјава за Сител. 

Секое второ дете во предучилишна возраст во државата има потреба од логопед а голем е бројот на деца кои и на 4 годишна возраст се уште не прозбореле. Стручните лица алармираат дека модерната технологија  и недоволниот ангажман на семејството го забавува детскиот развој.

- Родителите мора да ги набљудуваат децата и да приметат доколку нешто не е во ред со развојот или не соодветствува со возрасната група да побараат помош, вели Попоска, за Сител. 

Од 9 до 15 месеци детето треба да го каже првиот збор, а до двегодишна возраст да има најмалку 50 зборови со значење. Но како што алармира директорката на Заводот, многу родители од незнаење доцна бараат помош од стручни лица.

- Од незнаење или од совети во семејството да почекаат, дека спонтано ќе прозбори така било и со татко му и доаѓаат многу доцна, вели др-сци Силвана Филипова директор на Завод за рехабилитација на говор, слух и глас.

Филипова вели дека родителите за да си го купат мирот им даваат телефони и таблети на децата без да размислат дека на тој начин ги отргнуваат од реалноста и настануваат проблеми со говорот, со концентрацијата а  подоцна и со читање и пишување.

- Честопати ни доаѓаат родители дека детето им проговорило на англиски, а имало случаи и да проговорат на шпански, германски..но најчесто на англиски. Но тоа не е функционално, туку само механички повторува, вели др. Филипова.

Експертите предупредуваат дека бројот на деца кои подоцна прозборуваат од година во година е се поголем. Листата на чекање за кај логопед е 3 месеци. Од Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас велат дека во главниот град ги има 40 и таа бројка е далеку од потребата.