СЕ ПОСТАВУВААТ РЕЛЈЕФИТЕ: Тераса со фонтана и ангели - се гради споменикот на Мајка Тереза

Во близина на плоштадот „Македонија“, кај зградата на Комерцијална банка, се гради споменикот за Мајка Тереза.

Фото: Макфакс

Од работите на терен може да се забележи дека моментално се работи на обложувањето со мермер и се поставуваат релјефите.Од Министерството за култура, кое е надлежно за овој проект, велат дека градежните работи се одвиваат според предвидената динамика.

Изведувачот треба да изгради објект со тераса, фонтана, како и споменици на Мајка Тереза, милосрдни сестри, ангели, декоративни венци во форма на пехар и други релјефи. Според документацијата, фонтаната треба да биде направена од големи карпести површини од травертин, со што ќе се добие изглед на природна карпеста површина. Во карпестата фонтана ќе бидат поставени скулптури од бел мермер на Мајка Тереза со болно дете и родители, милосрдна сестра со инвалид, милосрдна сестра со болен што седи, милосрдна сестра со болен што лежи и милосрдна сестра со болен што седи на карпа.

На објектот пак на висина од 16,5 метри ќе бидат поставени централен ангел со крилја висок 3 метри, 4 ангели што седат со висина од три метри, 4 мали ангели со висина од 2 метри. Објектот ќе има и тераса под која ќе бидат поставени декоративни скулптури, а ќе има и декоративен елемент во форма на пехар. Објектот ќе има и столбови. Изградбата на фонтаната чини 5,5 милиони евра

Како изведувач на објектот се јавува градежната компанија „Бетон“, а проектант е Градежен институт „Македонија“. Надзор врши Заводот за испитување на материјали и развој на нов технологии..