Се поедноставува процедурата за издршка

Децата што добиваат пари од нивните разведени родителите преку извршител, од следната година нема да мора да поднесуваат ново барање за исплата на алиментација секогаш кога парите ќе доцнат.

Со новиот закон за извршување, барањето ќе се поднесе само еднаш и ќе трае сè додека децата имаат право на алиментација. 
Од Комората на извршители на Македонија велат дека на овој начин процедурата ќе се поедностави за доверителите (децата) или за нивните старатели, но ќе биде и поевтина за должниците. 

"Ако со налогот за извршување на должникот му се наложува плаќање на повремени давања што пристигнуваат по определени временски интервали, како што е, на пример, законската издршка, извршителот, врз основа на истиот налог, ќе врши наплата на тие давања по нивното пристигнување. Со истиот налог за извршување врз плата се определува забрана на определен дел од платата и му се наложува на работодавецот, кој на должникот му ја исплатува платата, паричниот износ за кој е наложено извршувањето да му го исплати, односно да му го исплатува на доверителот" велат од Комората на извршители.

Нема точна бројка колку деца со разведени родители ја добиваат својата издршка преку извршител. Од Комората велат дека, според евиденцијата на 24 извршителски канцеларии, во 19 како должници што не плаќаат алиментација се јавуваат татковците, но кај 5 извршители доминираат мајките. Родителите што не плаќаат алиментација најчесто велат дека се невработени, немаат пари, се наоѓаат во странство или, пак, имаат други давачки, и поради тоа не можат да плаќаат алиментација. Дел од нив, пак, тврдат дека веќе платиле, но на уплатите нема цел на дознака за кој месец се однесува алиментацијата.

Во Македонија висината на издршката која треба да ја плаќа родителот за детето ја определува судот. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека доколку родителот редовно не ја плаќа издршката, во тој случај центарот за социјална работа да може да донесе решение со кое на родителот кој подолго од три месеца не давал издржување за детето може да му го ограничи правото да го гледа детето.