Се подготвува “Без галама” нова премиера на МНТ

Во Македонскиот народен театар интезивно течат подготовките за претставата “Без галама” според текстот на Мајкл Фрејн, во колективна адаптација, а во режија на Тони Михајловски, која македонската публика ќе има можност премиерно да ја види на 31 март (20 часот) на големата сцена.

По големите успеси на претставата “Брачна игра”, за Михајловски ова е второ режисерско остварување во матичната куќа. Овој пат го одбира комичниот текст на Фрејн кој е еден од најдобрите и најиграните текстови во светската драматургија, а кој првпат се поставува во МНТ.
“Без галама” е претстава во претстава, и зборува за тоа што се случува на сцената – она што публиката може да го види, но благодарејќи на ротирачката сценографија, дејствието на претставата се случува и зад сцената.

Публиката ќе има прилика да учествува во секој сегмент во создавањето на претставата, ќе ги види задкулисните пикантерии и “хаосот#, кој се случува зад сцената, што прават актерите кога не ги играат своите улоги, и секако ќе ги открие сите тајни на една театарска магија.
Генералната проба е предвидена за 30 март.

Во претставата играат: Игор Џамбазов, Весна Петрушевска, Јасмина Поповска, Камка Тоциновски, Нино Леви, Александар Михајловски, Александар Ѓорѓиески, Емилија Мицевска и Стефан Спасов.

Сценограф е Татјана Христоска, костимографијата е на Ивана Кнез и Сињори, изборот на музиката е на Тони Михајловски, инспициент е Александар Рајковски и суфлер Зорица Благоевска.