Се плашам кога не се плашат за мене...

„Јас не се плашам за тебе.“

Престанав да бројам колку пати го имам чуено или прочитано ова (или нешто слично) во последните неколку недели. Многу долго го слушам, но последниве неколку недели излегува од секаде. 

Да, не се плашат за мене. Да, веруваат во мене. Им благодарам. Но, фала и за мене, затоа што (пре)рано докажав колку сум силна и способна. Да, драго ми е што не сум неспособна и драго ми е што ги остварувам повеќето работи кои ќе ги замислам, порднесувам, издржувам, но и на тоа понекогаш му доаѓа крај. Ти доаѓа преку глава да бидеш силна, храбра, бестрашна. После сѐ што ми се случи во многу краток период, сакам да се распаднам и некој да се плаши и да се грижи за мене. Малку да не бидам толку способна, да ми е потребна помош, да ме тешат и да ме хранат со прегратки, разговори и топли зборови. 

Не велам дека не го прават тоа, но сето тоа е придружено со „не се плашам за тебе“ кое одеднаш ме притика како дополнителен товар кој ми стои на рамена. Затоа што „не се плашам“ одеднаш стана некаква норма која морам да ја постигнам. Премногу високо ги кренав стандардите, најверојатно несвесно и одамна, и оттогаш луѓето не се чудат што „лесно“ и стоички поднесувам секакви глупости, болести, смрт, па и откази. Се чудат на тоа што се смеам, кажувам шеги, отворено зборувам и пишувам за вртлогот од чувства и сеќавања кои ми се вртат низ глава во последно време. 

Ги кренав критериумите и сега нема назад, морам да ги исполнам истите. Не дека морам, но тоа е нешто слично како кога еднаш ќе поминеш скрос одличен во училиште, после тоа цело време очекуваш тоа себе, а и другите очекуваат од тебе, да продолжиш со истите резултати. И најчесто така и бидува. Сѐ додека не пукнеш. И тогаш пак сите се полни со разбирање, затоа што секако дека не е нормално, ниту здраво да се следи тоа темпо. Секако дека ти е потребен одмор, секако дека имаш право да се распаднеш. 

Не се плашат за мене, но јас токму затоа уште повеќе се плашам. Што ако не сум толку силна како што се претставувам цел живот? Што ако сите тие кои ми го кажале тоа всушност само си замислуваат дека сум храбра и дека можам без нивната грижа и поддршка? Што тогаш? Кому да се обратам ако сите очекуваат дека јас можам сѐ и како да ме сфатат сериозно тогаш кога не можам да станам од кревет затоа што не ми е денот, а претходниот ден сум трчала низ цел град кога имало некаква ситуација кога некој друг не можел да стане од кревет?

А има денови кога не ми се станува од кревет. Кога не ми се прави ништо. Не ми се ни јаде, ниту пак ми се крева слушалка. Некогаш има повеќе такви денови, некогаш помалку, но тука се, постојат. И тогаш, ќе чујат дека не се плашат за мене, затоа што јас можам сѐ, се сеќавам на тие денови кога најрадо би пропаднала некаде, би се скрила во ормарот, меѓу алиштата кои со години не сум ги носела. Се сеќавам на сите серии кои по неколку пати ги имам гледано и сите други повторени работи затоа што во тој период од животот или тој ден не сум имала сила за ништо ново. 

Како тогаш во очи да ги погледнам тие луѓе кои не се грижат и не се плашат кога знам дека сум способна и за таков вид на бество? Сакам да се „плашат“ и да се грижат, затоа што не сакам повторно безволно да паднам во кревет, не сакам да се заклучам дома и со месеци да не излегувам. 

Сакам да знаат дека не сум бестрашна, најхрабра и најсилна и дека и јас понекогаш се распаѓам и дека тие со своето „не се плашам за тебе“ го кочат процесот на распаѓање кој ми е потребен за повторно да се составам. 

Се распаѓаш, па се составуваш, а во меѓувреме малку се плашиш, но имаш поддршка и луѓе кои ти се „фластери“, па стануваш посилна од претходно.