Се очекува од октомври 130.000 работници да примаат повисока плата

Јагода Шахпаска од СДСМ оцени денес дека е остварена една од клучните  мерки од предизборната програма и од програмата на Владата,  Законот за минимална плата, со кој од  октомври таа ќе изнесува 12. 000 денари.

„Тоа значи дека веќе од октомври, околу 130.000 работници ќе добиваат повисока плата. Истовремено, се брише неправдата кон работниците во текстилната, кожарската и индустријата за обувки. Тие ќе ја добиваат истата плата и веќе нема да бидат дискриминирани и да земаат помала минимална плата од законски утврдената, како што беше досега.

Зголемувањето на минималната плата носи повеќе пари во семејните буџети, ја исправа неправдата кон вработените во одредени индустрии и истовремено ја отвора спиралата за севкупен раст на платите.

Покрај Законот за минимална плата што беше усвоен вчера, денеска на дневен ред се уште два закона со кои ќе се подобри квалитетот на живот на сите категории граѓани. Очекуваме денеска да биде усвоен и популарно наречениот Закон за стечајци со кој околу 3.000 стечајни работници ќе добиваат месечен надомест од 7.596 денари, како и измените во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги со кои ќе се укине радиодифузната такса.

Ги повикуваме пратениците од сите политички партии да дадат поддршка за овие закони кои го подобруваат животот и носат повеќе пари назад кај граѓаните. Да покажеме дека можеме да работиме заедно во интерес на граѓаните“, изјави Шахпаска.