Се навикнаа ли во МВР на скопската сообраќајна некултура?

И утрешниот сообраќаен билтен на скопската полиција, сигурно ќе биде сличен на денешниот. Секогаш се вообичаените бројки: 7-8 повредени лица, петнаесетина сообраќајки, дваесетина возачи возеле пребрзо, десетина биле пијани, триесетина зборувале на мобилен додека возеле или не биле врзани со појасот, десетина не застанале на црвено… Одвреме на време разликата е само во тоа што има и загинати и така…

Повеќето од нас, си ги читаме овие билтени и си тераме работа како ништо да не се случило. Се навикнавме ли? Се навикнаа ли и во МВР? А тие бројки покажува дека во градот веќе со години како да се одржува едно исто ниво кога е во прашање бројот на сообраќајните несреќи, на жртвите, повредени лица, на направени прекршоци. Не помагаат ниту апелите, ниту казните…, едноставно, врие од сообраќајна некултура.

А бројките се големи. Нешто треба од корен да се смени за дефинитивно да се намалат. Досега најчесто слушавме апели за почитување на сообраќајните правила, се делеа флаери, имаше кампањи на билборди, телевизии и слично. Сето тоа веќе не е доволно туку е потребно нешто друго, некои нови акции кои ќе придонесат во градот да имаме посигурен сообраќај, помалку жртви, помалку трагични судбини. Начини да се направи тоа има, само треба да се седне и поработи на нив – особено да работат тие што за тоа се платени од буџетот.

Сообраќајните билтени мора да се посиромашни со бројки на повредени, загинати…

СкопскоЕхо