Се менуваат имињата на арената „Филип Втори“ и салата „Борис Трајковски“

Најголемиот македонски стадион, националната Арена „Филип Втори“, наскоро го очекува брендирање, и менување на името, пренесува Македонски Спорт.

Имено, наскоро треба да биде потпишан договор со што во иднина нашата најголема спортска Арена ќе се вика „Телеком Арена“. Нашата најпозната телекомуникациска компанија „Телеком“ треба деновиве да ги откупи правата на името на стадионот во следните неколку години.

Ова брендирање, односно имање права на имињата од страна на големите компании на стадионите и на салите е во тренд во последните 10-15 години во светот.  Па така во Германија има „Алијанц арена“, потоа „Сигнал Идуна Парк“, „Фрапорт стадион“...

Големите компании ги откупуваат правата да го има нивното име на познатите арени. И салата на изминатото ЕП во Полска во ракомет се викаше „Таурон арена“. Станува збор за спонзорство од страна на најголемиот производител на енергија во Полска.

Од пред неколку дена има најава дека салата „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се вика „Вип Арена“, исто така брендирање по телекомуникациски оператор од Македонија. Договорот со „Вип“ за преземање на правата е веќе потпишан.

Договорот со „Телеком“ треба да биде потпишан во следниот период, со што официјално најголемиот стадион ќе го менува името. Стадионот во Скопје се подготвува за најголемиот настан до сега, и домаќинството на Европскиот Супер-куп во 2017 година.