Се играше оро и се пиеше греана ракија - бадникарски огнови сепак се палеа

Покрај апелите до верниците да се воздржат со цел да се заштити животната средина вечерва во Скопје се палеа бадникарски огнови.

-Бадникарскиот оган е традиција во нашето маало. Секоја година се организираме сите заедно, на трпезата има пијалоци, риба, посни банички, гравче...Оваа година имавме и жива музика, ние сите сме против загадувањето, но овој оган вечерва нема да одмогне, вели Трајче од Ново Маало.

Од град Скопје апелираа граѓаните да се воздржат од палење огнови на јавни места. Со цел да се заштити животната средина и да се спречи загадувањето на воздухот.Граѓаните ќе може да пријават запален оган на отворено на телефонската линија 193.

Градоначалниците на сите скопски општини годинава донеса одлука и за забрана за доделување дрва од општините за таа намена со цел да се спречи дополнително загадување на воздухот во главниот град.

МПЦ-ОА оваа година за прв пат по долго време одлучи  да не присуствува на Коледарските или Бадниковите огнови кои се палат на отворено кои се сметаат за стара традиција особено во Скопје. 

За свештениците кои нема да ја почитуваат повелбата на поглаварот ќе следат и казни. Ваквиот потег на МПЦ-ОА е да не се дава веќе поддршка на ритуал кој свои корени влече од паганската ера на словенскиот народ, а подоцна и на македонскиот кој задржал дел од словенската митологија, навики и култура кои ги фтопил заедно во својот бит што е денешната суштина на македонската народна и верска традиција.

Се верува дека бадникарскиот оган го симболизира загревањето на пештерата кај Витлеем во која се родил Исус.