Се гради улица „5“ во Ново село

Во населбата Ново село во општина Ѓорче Петров во тек се активности за изградба на улица бр. „5“, во должина од 780 метри и шест метри ширина. Ќе бидат изведени и банкини со широчина од 0,75 метри од двете страни на улицата.

Инвестицијата за изградбата на улицата изнесува 110 илјади евра, обезбедени од Министерството за животна средина и општинската каса.

– Со изградбата на оваа улица ќе се реши пристапниот пат до новата пречистителна станица  и ќе се решат и долгогодишните проблеми на граѓаните кои години наназад, зависно од годишното време, мораа да газат кал и да голтаат прашина. Многу често се случуваше да е тешко проодна и за моторните возила. Општината претходно постави нова канализациска и водоводна мрежа, соопшти општина Ѓорче Петров.

Градежните работи на улицата „5“ треба да завршат до крајот на следниот месец.