Изградбата на нови станови низ целата држава не стивнува.Според Државниот завод за статистика  лани се издадени одобренија за градба на 7.939, од кои повеќе од половината, или 4.094 во Скопскиот регион.

Од становите кои почнале да се градат лани и првите ќе можат да се вселат до крајот на годинава, 890 се во Аеродром, 950 во Ѓорче Петров, 615 во Карпош, 397 во Кисела Вода, 335 во Гази Баба…

Лани најмалку градежни дозволи општините низ државата издале во декември. Со нив треба да се изградат само 209 станови, од кои повеќето се семејни куќи. Иако декември е месец кога градежниците обично не почнуваат нови објекти, овој број на издадени одобренија е извонредно мал, со оглед на тоа што со издадените во истиот месец во 2014 се граделе 795, во 2015 година 919, а во 2016 година 419 станови.

Цените на настовите според градежниците би пораснале во Капиштец, Карпош и Центар.

Инаку, ако се изанализираат податоците на Државниот завод за статистика за становите за кои се издадени одобренија за градење во декември, се доаѓа до сознание дека за градежните компании нема многу работа, зашто голем дел од 209-те планирани станови се всушност семејни куќи со поголем број соби. ДЗС евидентира дека во декември се издадени градежни дозволи за 155 објекти, што значи дека во просек тие се со помалку од два стана. Вкупната површина на планираните за градба станови со дозволите што општините ги издале во декември е 25.413 квадратни метри.

Во Скопскиот регион, каде секогаш се градело најмногу, предвиден е само 61 нов стан, од кои најмногу, вкупно 13 во Карпош, потоа 9 во Ѓорче Петров, во Илинден 8, додека во една од досега поатрактивните општини за градење, Аеродром, само шест. Најмалку станови, само еден, треба да се изгради во Североисточниот регион. Станот, односно семејната куќа ќе се гради во Крива Паланка, ќе има 159 квадрати и седум соби.