Се движам со страв да не паднам и да не искршам нешто

Викендов во ургентниот центар „Мајка Тереза“ биле примени 26 пациенти со повреди и со скршеници, а петмина се хоспитализирани. Во градската општа болница „8 Септември“ примиле 56 пациенти со скршеници, фрактури или со повреди. Додека во болницата за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, биле примени 80 пациенти со повреди и деветмина биле хоспитализирани.

Главните улици низ Скопје се исчистени, но споредните, тротоарите и паркинзите имаат одвај проодни патчиња. Доколку некој стапне на погрешно место или избрзано, може да заврши со скршеница или со фрактура. Како последица на ваквите инциденти веќе се хоспитализирани повеќе скопјани.

Од „Kомунална хигиена“ апелираат до скопските општини да го расчистат снегот и мразот на улиците што се под нивна надлежност и да обезбедат пристап за собирање на отпадот.

Поради нерасчистените општински улици, како што се наведува во соопштението на претпријатието, во изминатиот период комуналните возила немале пристап до кантите за отпад кои останувале неиспразнети и по неколку дена. Велат дека имаат многубројни реакции од граѓаните.

- Деновиве поради нерасчистениот снег и лизгавоста на теренот, не се испразнети садовите на улицата Славејко Арсов во Центар, на улиците Тафталиџе, Будимпештанска и Џумајска во Kарпош, на „1439“ и „Христо Татарчев“ во Kисела Вода, на улиците Ѓорги Kрапчев и Тодор Чангов во Аеродром. Немаме пристап ниту на улицата Халим Алимиќ во Чаир, на „Алексо Демниевски“ во Ѓорче Петров, како и на улиците Че Гевара, Виничка, Морава и Македонско-косовска бригада во Шуто Оризари – соопштија од „Kомунална хигиена“.

Неисполнувањето на законските обврски и должности од општините за расчистувањето на снегот претставува нарушување на правата на граѓаните, особено во поглед на правата кои произлегуваат од уставно загарантираните права за животната средина и опкружувањето.

Настраданите граѓани од нерасчистените снег и мраз може да поднесат тужба против локалните власти и локалното комунално претпријатие од општината во која живеат, бидејќи според Законот за јавна чистота, таа одговорност им припаѓа ним. Ако тужителот го добие спорот против тужениот субјект од локалната самоуправа, потоа оди во граѓанска парница, т.е. покренува спор пред надлежниот граѓански суд, за надомест на штета.

Во Основниот суд Скопје 2 судиите велат дека до сега се случувало да има тужби против општините за надомест на штета од граѓани кои се повредиле од паѓање на замрзнати улици, тротоари и плоштади, но се многу, многу ретки.

Граѓанинот ќе ја адресира тужбата во зависност од местото на паѓање, односно дали просторот за чистење на снегот е во надлежност на општината или пак на правното лице (комуналното претпријатие). Треба притоа да обезбеди медицинска потврда и документација за повредата.

Во членот 7 од Законот за јавна чистота се пропишува дека одржувањето на јавната чистота и чистењето на снегот и мразот во зимски услови на јавните површини го врши јавно претпријатие за комунални услуги, основано од општината, општините во Градот Скопје и Градот Скопје.

„Општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје се должни да го исчистат снегот од јавните површини најдоцна во рок од 6 часа од почетокот на снежните врнежи. Во зимски услови при снежни врнежи сите сопственици, односно корисници на јавни објекти се должни веднаш да започнат со чистење на снегот на отворените простори пред јавните објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до објектите“, се вели во Законот за јавна чистота.

„За чистење на снегот од тротоарите пред станбените објекти, за посипување на тротоарите со соодветен материјал во случај на голомразица, за чистењето на снегот од сопствените дворови, како и за чистење на снегот од покривите, ако тоа претставува опасност за минувачите или за самиот објект, се грижат сопствениците, односно закупците на објектите.

Глоба од 1.000 евра следи за правното лице сопственик, односно корисник на јавен објект ако не го исчисти снегот од отворениот простор пред објектот, а од 4.000 евра за правно лице ако не обезбеди редовно и квалитетно одржување на јавната чистота и чистење на снегот на јавни површини во зимски услови. Исто така, глоба во висина од 30 отсто од одмерената глоба за правното лице следи и за одговорното лице во правното лице.