СЕ ДАВИМЕ, ПОМАГАЈТЕ: Една година од невремето што однесе 22 животи

Поплавени сме, помош... Така приближно гласеше кратката објава што осамна на Твитер во саботата навечер на 6 август 2016 година. Тогаш македонската јавност сè уште немаше претстава колкава трагедија се случува во близината на Скопје. 

Дождот почна околу 17 часот и продолжи да лие во следните три-четири часа. Сепак, првите реакции дека нешто сериозно се случува се појавија после 21 часот.Поројот што тргна од Скопска Црна Гора се претвори во разулавена река, која ја поплави обиколницата и однесе дел од асфалтот сосе возилата на коловозот. Обилните врнежи дожд предизвикаа катастрофални штети во Скопскиот Регион, поточно во Синѓелиќ, Стајковци, Инџиково, Економија, Ченто, Брњарци, Страчинци, Виниче, Црешево, Булачани, Раштански Пат, Смилковци, Арачиново, Илинден, Шуто Оризари и Шипковица.

Сепак, истата вечер, освен за уништените автомобили, улици, домови, се појавија и информации за загинати. На социјалните мрежи прво проструи информација дека една жена се удавила на обиколницата.Кобните сознанија дојдоа следниот ден. Пристигнаа информации за четворица, па за петмина, па за десетмина загинати. Конечната бројка, за која денес се знае, е дека во невремето загинаа 22 лица.

Една година по поплавите во општина Гази Баба… Граѓаните велат дека благодарение на тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на Град Скопје, општината и градоначалникот Тони Трајковски, се функционира нормално. Хаосот за кратко време бил саниран, а тие веќе заборавиле на калта и повторно газат по асфалт.

-Изградбата на улиците во Стајковци 95 проценти е завршена, а населението е задоволно. Останаа само уште неколку кратки улички да се завршат и изградбата од општината би била комплетно завршена.

-Помина една година од катастрофалната несреќа во нашето место во Стајковци. Голема благодарност до општина Гази Баба и градоначалникот Тони Трајковски, до тогашната влада, до градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски што успеаја за многу краток временски период да се вратиме во нормала, што постојано беа покрај нас, што се направи многу за нашево место, за Стајковци.

-Една година по поплавата може да кажам дека ние повторно живееме нормално, се` се среди. Повторно газиме на асфалт, заборавивме на калта благодарение на општина Гази Баба, тогашната влада и на Град Скопје. Дај боже никогаш да не се повтори она што ни се случи.

– Пред една година овде беше хаос, катастрофа, сите видоа какво беше. Сега е се во нормала.

-Благодарение на општината и на државата, неверојатно многу брзо се` се санираше. Од едно место каде што личеше дека паднала атомска бомба, за едно 4 до 5 недели се врати се во нормала како никогаш да не се случило такво нешто, велат граѓаните.

Инаку, во поплавените подрачја асфалтирани се над 25 километри, а тампонирани се над 32 километри улици.