Се чистат диви депонии низ Скопје

ЈП „Комунална хигиена“ -Скопје започна акција за отстранување на најголемите диви депонии лоцирани на територијата на градот Скопје.

Во текот на денешниот ден целосно се расчистени дивите депонии во Општина Аеродром (ул.Лисец, нас.Лисиче), Општина Чаир (бул.Македонско-Косовска бригада), Општина Бутел (покрај бул. Х.Т.Карпош) и Општина Шуто Оризари (патот кон Визбегово).

Во рамките на активностите се отстранети вкупно 1.000 м3 непрописно одложен комунален, кабаст и градежен отпад.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани и градоначалниците на општините Аеродром, Чаир и Бутел – Златко Марин, Висар Ганиу и Велимир Смилевски ги проследија активностите за отстранување на дивите депонии и апелираа до граѓаните правилно и совесно да го одлагаат отпадот.

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје ќе продолжи со расчистување на дивите депонии и во сите останати скопски општини.