Се „чешлаат“ шмизлата и бикот, следен е лавот пред ВМРО-ДПМНЕ

Работната група на Министерството за култура која го анализира проектот Скопје 2014, донела препораки за дислокација и демонтирање (или рециклирање) и на споменикот на Воин на коњ (или Александар Велики), Филип Втори и Портата Македонија.

„ Во случаите каде е прекршен законот нашите препораки ги упатуваме до институцијата која го поставила споменикот, во случајот со Ќосето беше градот, а собраните документи ги даваме во ОЈО за предистражна постапка за злоупотреба на службена должност и немаменско трошење буџетски пари. Одлуката потоа ја носи институцијата која го поставила споеникот“, изјави Мирослав Грчев кој е дел од споменатата комисија.

Според Грчев на тапет се ставени и една цела група од 30-тина скулптури кои претходеле на проектот, а биле поставени од 2008-2010 година. Вели во најголем дел целиот проект најголемото прекршување го имал со заобиколувањето на Уставот, но и ненаменското трошење на средства.

Како што пишува Независен, работната група во моментов работи на случајот со поставување на скулптурите на шмизлата, бикот, девојчето, дрвото пред Камени мост...Сите беа поставени во 2009 година во рамки на проектот на Министерството за култура кое распиша конкурс за избор на триесетина идејни решенија за млади автори чии скулптури ќе го разубават градот.

„Сега практично работиме на воведот во ‘Скопје 2014’. Следен предмет за истражување ќе биде фонтаната со лавот поставена пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ“, информираше Грчев.