Се борам со леукемијата – додека сите беа на апсолвентска вечер и се забавуваа, јас примав хемотерапија во болница

Млада скопјанка, ја раскажува својата приказна за борбата со леукемијата. Таа е борец, кој верува во себе, знае дека овие мрачни денови ќе останат во минатото, и ќе продолжи да чекори во животот понатаму, остварувајќи ја секоја своја цел и радувајќи се на секој нов ден.

Потекнувам од семејство каде што само татко ми работи. Тој се грижи за плаќањето на сметките, за купување на храна, за плаќање на факултет на мене и на брат ми. Ми беше жал да го гледам како само тој се мачи, па решив и јас да пробам да работам за време на студиите. Најдов работа во една продавничка, па морав да одам на систематски преглед. И се започна така. Не чувствував никаков проблем со здравјето, но моите резултати и мојата крвна слика воопшто не беа добри.

Ми констатираа леукемија. Знаев дека е лошо, но никако не се предавав. Веста ја прифатив стоејќи цврсто, убедена дека ќе се изборам. Болеста ја гледав како една обична настинка, а не како болест од која може да се умре.

Животот на моите дома им се скрати. Постојано плачеа и се нервираа. Јас морав да бидам силна. За мене, за нив, за сите.

Морав да примам хемотерапија. Тоа беше месец мај. А јас бидејќи бев апсолвент, се спремаше прославата на апсолветската вечер. Колку сакав да бидам присутна таму, со моите колеги. Но, за жал не можев. Терапијата беше посилна од мене. Претходно имав коса долга до половина. Долга плава, убава. Денеска немам воопшто. Но, ако косата ќе ми порасне.

Ниту еден ден на паднав, ниту еден ден не помислив да се откажам, ниту еден ден не мислам дека ќе го напуштам овој свет.

Сакам да живеам. И ден денеска се борам со оваа проклета болест, но знам дека ќе се изборам, и дека ќе и го свртам грбот. Знам дека пред мене има уште многу денови живот.

Знам дека еден ден ќе дипломирам, како и сите мои врсници, ќе најдам работа, ќе имам семејство. Ќе бидам среќна, ќе има живот во мене...