Се апелира, добитокот да се вакцинира, жештините носат ризик од зарази

Високите температури го зголемуваат ризикот од заразни заболувања кај добитокот. За да го заштитат сточарите треба да преземат превентивни мерки, редовно чистење и дезифенкција на објектите каде што се чува добитокот, правилно чување на сточната храна и прописно одлагање на арското ѓубре, апелираат од Агенција за поддршка и развој на земјоделството.

За таа цел во некои региони во државата се врши вакцинација на говедата против болести. Во поширокиот Велешки регион привршува вакцинацијата против болеста јазлеста кожа.

Како што истакна Димче Димитриевски, директор на Ветеринарната станица, со вакцинацијата биле опфатени 7.000 грла на говеда во Велешко.

- Акцијата е превентивна со цел да ја заштитиме стоката од оваа тешка болест, која годинава е влезена и во годишната програма за задолжителна вакцинација. Вакцинацијата ја спроведуваме согласно наредбата на Агенцијата за храна и ветеринарство, изјави Димитриевски.

Болеста јазлеста кожа првпат беше откриена на 18 април и беше потврдена на 21 април минатата година во селото Чифлик во Демир Капија, а потоа беше регистрирана во вкупно осум општини во земјава.

- Лекувањето на говедата кои ќе заболат од оваа болест не е исплатливо и поради тоа стоката мора да се уништи. Затоа оваа превентивна вакцинација е многу важна за заштита на сточниот фонд во земјава, вели Димитриевски.

Инаку поради високите температури намалена е продуктивноста на млеко и месо кај животните, а зголемен е ризикот од заразни заболувања, посебно кај тревопасните животни.

- Нивниот имунолошки систем е нарушен, а и во овие топли услови многу се активни преносителите на различните заразни болести. Најопасни се јазлеста кожа и син јазик, вели Илија Маролов од Агенцијата за поддршка на земјоделците - Штип.

Агенција за поддршка и развој на земјоделството апелира сточарите да преземат превентивни мерки за заштита од заразни заболувања преку редовно чистење и дезифенкција на објектите каде што се чува добитокот, правилно чување на сточната храна и прописно одлагање на арското ѓубре.

- Да се стават заштитни мрежи како механичка заштита на фармите, да се зголеми хигиената и ако може да се направат оросувачи и вентилација на фармите зависно од финансиските можности и видот на домашните животни, се нашите совети, рече Маролов.

Сушниот период ги остави без вода помалите водотеци, па сточарите имаа проблеми и со напојување на стоката на паша. За добитокот што се чува во фарми се препорачува користење вода за напојување од водоводната мрежа.