СЕ АНАЛИЗИРААТ ДЕТАЛИТЕ: 20 електрични зглобни автобуси низ скопските улици

Десет компании што се докажани и познати светски производители на електрични автобуси изразиле интерес за учество во меѓународната постапка за набавка на електрични автобуси, информираа од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП).

Од ЈСП велат дека подготовката за тендерската процедура ќе почне по спроведеното истражување на пазарот.Набавката на овие автобуси ќе биде во согласност со светските стандарди за заштита на околината, а врз основа на анализи за потребите на корисниците.

Оттаму додаваат дека е планирано целата тендерска постапка да заврши во текот на 2017 година, по што може да се очекуваат модерните возила на скопските улици.

Инаку, како што беше претходно најавено, ЈСП ќе купи 20 електрични зглобни автобуси што имаат капацитет за најмалку 150 патници и 30 електрични минибуси. Освен тоа, ќе се набават и полначи за брзо полнење, кои се потребни за напојување на возилата со струја.

Од ЈСП велат дека се во фаза на дефинирање на тоа колку полначи ќе бидат набавени и на кои локации ќе бидат поставени.

Скопскиот градоначалник Kоце Трајановски на презентацијата на буџетот за 2017 година информира дека набавката на електроавтобусите е проценета на 25 милиони евра, а планирано е парите да се обезбедат со кредити. Тогаш тој истакна дека во зависност од производителот, батериите на ваквите возила можат да издржат возење до 250 километри, односно да отидат и да се вратат десетпати од почетната до крајната точка.

Тој најави дека електричните автобуси ќе сообраќаат на трасата каде што требаше да се гради линијата за трамвај.

Инаку, првата трамвајска линија се протега на следнава релација: Ѓорче Петров-Порта Влае-булевар Партизански одреди-„Рекорд“-булевар Kочо Рацин-булевар Јане Сандански-Ново Лисиче. Беше предвидена и изградба на депо за трамвајскиот возен парк во Ново Лисиче, како и можност за продолжување на линијата до Дексион и Сарај, но Градот се откажа од идејата откако беше утврдено дека електроавтобусите чинат 10 пати помалку од трамвајот, а за нив не е потребна изградба на нова инфраструктура.