Само 20 отсто од македонските граѓани купуваат преку интернет

Претставници на девет држави ќе земат учество на првата Конференција за е-трговија во Македонија, што ќе се одржи во Скопје на 26 овој месец.

Освен домашните експерти за е-трговија свои говори на конференцијата ќе имаат и гувернерката на Народна банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, како и експерти од САД, Велика Британија, Чешка, Словенија, Бугарија, Србија, Полска и Белгија.

Тема на дискусија ќе бидат сегашната ситуација на пазарот и можностите за ширење на достигот на локалните е-трговци во границите на ЕУ. Учесниците ќе зборуваат и за тоа како да се направи добар маркетинг, да се обезбеди квалитетна поддршка и корисничко искуство, како правилно да се искористат системите за плаќање и како без проблеми да се достави нарачаниот продукт.

Искуствата и советите што странските експерти ќе ги изнесат н конференцијата би требало многу да и помогнат на нашата држава во развојот на овој сегмент на трговијата, зашто како што покажува анализата на македонската Асоцијација за е-трговија и покрај создадените услови, само 20 проценти од населението со пристап до интернет купува онлајн. Со тоа, помалку од Македонците преку интернет купуваат само Црногорците.

– Според направената анализа, Република Македонија има голем напредок во обезбедување на потенцијал или неопходни услови за вршење е-трговијата во однос на 2010 година и во споредба со земјите од регионот има обезбедено подобри услови за развој на е-трговијата. Иако имаме напредок во условите, сепак само 20 проценти од населението со пристап до интернет направило нарачка онлајн, што ја става Македонија на дното, единствено пред Црна Гора. И покрај напредокот во создавање на услови за раст на е-трговијата индикативно е што имаме пад во рангот на одредени индекси со соодветни индикатори, како индекс на логистички перформанси и индекс за подготвеност за е-трговија, вели претседателката на Асоцијацијата Нина Ангеловска.

Истражување нарачано од Асоцијацијата покажува дека 49 отсто од анкетираните е-трговци како најголем предизвик го наведуваат наоѓањето соодветен кадар за работа. Граѓаните, пак, кои никогаш не направиле онлајн нарачка, изјавиле дека причина за тоа е што ги немаат потребните вештини.

Се смета дека чекор понапред во е-трговијата ќе се направи со ревидирање на постоечкта регулатива и нејзино усогласување со европската, воведување на регистар на е-трговци, кој ќе помогне за нивна промоција, но и ќе им овозможи сигурност на потрошувачите. Е-трговците бараат и даночни олеснувања и субвенции за достава при извоз.

Анализа на Народна банка на Македонија покажува дека македонските граѓани по интернет прават нарачки до околу 2.000 денари. Од вкупната вредност на трансакциите направени со платежни картички, само еден процент се за плаќања преку интернет, односно на виртуелни места на продажба. Македонија се карактеризира и со мошне низок процент на сметки преку кои може да се тргува електронски. Од вкупниот број ваква опција имаат само осум проценти.

Според податоците од централната банка, вредноста на е-трговијата во Македонија лани изнесувала 105 милијарди евра, што е пораст за 21 насто во споредба со 2016 година. Од нив 71 отсто се потрошени кај странските е-трговци, а само 31,9 милиони евра кај македонските, кои ги има нешто
помалку од 600.

Преку интернет најчесто се купува облека, спортска опрема, електроника, облека, играчки.