Сала за тенис, гимнастика и борачки спортови ќе се гради во Скопје (фото)

Скопје ќе добие сала за тенис, гимнастика и борачки спортови. Проектот за покриената сала во рамките на спортскиот центар Борис Трајковски е веќе изработен и испорачан до надлежните.

Од спортскиот центар Борис Трајковски велат дека следно е одобрение за градба, а градежните работи ќе започнат по завршување на постапката за избор на изведувач. Покриената тениска арена, која ќе биде со површина од 4.000 квадратни метри, ќе содржи три тениски терени, како и еден терен за падел со трибини. Салата за боречки спортови ќе биде со површина од 3.200 метри квадратни, со два ринга за борење, четири терени за карате, пет ринга за бокс, фитнес центар и трим патека. Во гимнастичката сала, која ќе биде со површина од 1.600 метри квадратни, ќе бидат сместени повеќе од 20 вида справи за вежбање.

Вкупната вредност на проектот за изградба на арената изнесува 123.000.000 денари, односно околу два милиони евра.

Според директорот на Спортскиот центар Борис Трајковски, Златко Перински, арената за тенис, гимнастика и боречки спортови се очекува да биде готова во првата половина на 2018 година, која ќе овозможи и одржување на професионални натпревари во тенис, гимнастика и боречки спортови.