Сакам телефон и таблет за Нова година, а не пакетче и играчки

Уште две недели до Новата година. Сите ги прават подготовките и плановите како да ја дочекаат, каде ќе одат, со кој да бидат. Се прават планови како правилно да почне новата година.

Ова е период од годината кога луѓето се поенергични, поопуштени. Насекаде владее една убава новогодишна атмосфера. Се купуваат и подародоците, а особено за оние најмилите, најмалите.

Новогодишните пакетчиња не смеат да се заборават за Нова година. Но, тука се поставува прашањето дали децата денеска се радуваат на таквите новогодишни подароци.

Ако пред некоја година ги прашавте децата што сакате Дедо Мраз да ви донесе за Нова година, одговорите беа скромни: Пакетче, барбика, камионче...

Како оди времето напред така и се менуваат одговорите на овие прашања.

Една учителка која речиси целиот свој работен век е во градинка со дечиња, ја прави разликата помеѓу денешните и генерациите од пред десеттина години.

-Денеска децата не се скромни. Не се радуваат на малите работи како некогаш. Сакаат нешто повеќе. Кога ги прашавме што сакаат оваа година да им донесе Дедо Мраз, одговорите беа секакви само не оние кои се кажуваа пред некоја година, раскажува таа.

 -Сакам Дедо Мраз да ми донесе мобилен телефон. Не било каков. Да е убав, голем, да има убава камера и со многу игри на него.

-Јас сакам Дедо Мраз да ми донесе таблет. Тој е поголем од телефонот па поубаво е кога таму си ја играм омилената игра.

-Сакам Дедо Мраз да ни донесе голем автомобил, како што има комшијата. Нашиот е мал и не е убав.

Ретко кое од децата изразува желба за Нова година да добие пакетче. Децата денеска и не се радуваат толку многу ниту на Дедо Мраз и на неговата приказна.

Учителката вели дека децата денеска играчките ги сметаа за досадни и неинтересни. Не си играат со нив. Телефоните и таблетите ги сметаат за играчки.