Саеми на книгата, на образованието и на туристичката понуда во Скопје

Во Скопски саем од 4 до 10 април ќе се одржат 29. Меѓународен саем на книгата, 20. Меѓународен саем за образование и за кариера и „Скопје травел маркет“. Влезниците ќе чинат 30 денари, а халите ќе бидат отворени секој ден од 10 до 20 часот.

Саемот на книгата е една од најзначајните културни манифестации во Македонија, а и годинава, како и претходно, ќе бидат понудени современи и класични литературни дела од домашни и од странски автори, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и на уметноста.

На „Денови на образование и на кариера“ ќе се презентираат државните и приватните високообразовни институции, но ќе бидат присутни и странски образовни институции, како и компании кои имаат програми за студирање со стипендии и со кредити, компании кои нудат професионална пракса за студентите, како и компании кои нудат вработување.

На третата саемска манифестација, „Скопје травел маркет“, ќе бидат презентирани понудите на туристичките агенции.