РСБСП СО АПЕЛ ДО ГРАЃАНИТЕ: Врзете го појасот и спасете живот

Неодговорноста и несовесното однесување во текот на возењето и понатака е една од главните причини за сообраќајни незгоди на патиштата во кои за жал има и жртви.

Во европските земји врзувањето појас е задолжително и за лицата кои се превезуваат и на задните седиште, а секако граѓаните ги почитуваат законски одредби и свесни се дека на тој начин се побезбедни додека се во сообраќај.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата постојано упатуваат апел до граѓаните да внимаваат во сообраќајот и да ги почитуваат сообраќајните знаци за своја и туѓа безбедност.

– Не управувајте со моторно возило ако сте под дејство на алкохол, макар и со испиена една чашка-две и почитувајте ги правилата за ограничување на брзината. Да не дозволиме спокојството и мирот од овие прекрасни празници да се претворат во нечија семејна трагедија само како последица на нечија грешка, погрешна одлука, нетрпеливост, непромисленост, желба за докажување, наведуваат од РСБСП.

Новите возила сигнализираат за појас веднаш штом возачот и сопатникот седнат на седиштето, но интересно е тоа што нашите возачи и нивните сопатници секогаш наоѓаат начин да го исклучат алармот , а притоа да не го носат појасот.

Тие употребуваат трикови така што го врзуваат појасот, но потоа го префрлаат зад себе, правдајќи се дека појасот им пречи додека го управуваат возилото, а ниту за момент не помислуваат дека појасот може да им игра клучна улога во одредени несакани ситуации кога се наоѓаат во сообраќајот.

Голем дел од граѓаните наоѓаат и други начини за да го избегнат појасот, а возачите го користат на тој начин што го олабавуваат појасот заради удобност во возењето. На тој начин појасот не може да ги заштити доколку се случи сообраќајна незгода, туку возачите единствено можат да ја избегнат паричната казна, од која најмногу стравуваат.

Од РСБСП велат дека се запознаени со сите начини кои ги користат возачите за да го избегнат врзувањето на појасот.

-Загрижувачки е тоа што возачите не се свесни дека појасот е поставен за да ги заштити токму нив во случај на сообраќајна незгода, а многупати сме слушнале дека појасот го спасил возачот и благодарение на тоа што бил совесен и го врзал појасот останал жив. Упатуваме апел за одговорност во сообраќајот, до возачите, но и до сопатниците да го врзуваат појасот кога се наоѓаат во возилото, да ја сфатат сериозноста на појасот, дека тој е поставен за да ги заштити нив и да ги намали последиците во случај на сообраќајна незгода, апелираат од РСБСП.