Консумирај љубов - вози одговорно“ е пораката со која Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на сите млади им го честита празникот на љубовта и виното - 14 февруари.  

За многумина, ова е најромантичниот ден во годината. Љубов и романса за некои, чоколадца и вино за други, но за многумина - ден кој со себе ги носи предизвиците на младоста  и адреналинот. Велат, „во љубота сѐ е дозволено, во љубовната игра нема правила“. Но, од друга страна, пак, во сообраќајот важат правила, кои во име на љубовта кон саканите, во име на љубовта кон себе и желбата за здрав и среќен живот, секогаш и секаде треба да ги почитуваме.

Во сообраќајот, кога е алкохолот во прашање, постојат две златни правила: кога возиш, немој да пиеш и, ако пиеш, вози се со такси! Едноставното почитување на овие правила ќе ви озможи да дозволите љубовта и виното да ве „опијат“ доволно за да не направите непромислен потег во сообраќајот. Напротив, кога секој млад човек би покажал поголема емпатија во сообраќајот, кога секој од нас ќе вози со дозволена брзина, кога уличните трки и возењето под дејство на алкохол ќе станат минато и кога ќе почнеме да покажуваме поголема почит и внимание кон пешаците, старите лица, мајките со деца, велосипедистите, тогаш ќе бидеме сигурни дека љубовта е таа која нѐ тера да ги почитуваме правилата и да стекнеме добри секојдневни навики. Предизвикот во сообраќајот не е да го загрозиш сопствениот живот и животот на останатите недолжни учесници за да покажеш нешто што дефинитивно не е доблест и не е вредно.

Одговорноста во сообраќајот не е право на избор, туку обврска за сите. За жал, младите возачи често забораваат дека алкохолот влијае на нивната способност за управување со моторно возило. Токму затоа, РСБСП ги потсетува секогаш да имаат на ум дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и ја намалува способноста за рационално расудување и способноста за препознавање на ризиците и на заканите во сообраќајот. 

Статистистичките податоци покажуваат дека секоја година околу 400.000 млади луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди или дневно се губат околу 1.050  млади животи на патиштата ширум светот.  

Во Република Македонија, во просек, 25 проценти од сообраќајните незгоди со потешки последици се предизвикани од млади лица на возраст до 29 години, додека околу 30 проценти од вкупно настраданите лица во сообраќајни незгоди се млади лица на возраст до 29 години.

Водејќи се од минатогодишните искуства, кога за време на празниците значително се зголемува бројот на сообраќајни незгоди, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и оваа година апелира до младите возачи: „Возачката дозвола е доверена одговорност од семејството и од општеството, а совесното учество во сообраќајот е одраз на одговорни и стабилни лица. Бидете внимателни и одговорни во сообраќајот и не управувајте моторно возило под дејство на алкохол. Последиците и загубите од сообраќајните незгоди се фатални, трајни и ненадоместливи“.

Верувајте во моќта на љубовта, верувајте и во моќта на виното и запомнете - зад воланот алкохолот е главен фраер, тој одлучува дали утре ќе имате можност да ја продолжите  љубовната авантура, да започнете нова или предвреме да ги прекинете радостите и убавините на животот. Возете внимателно и совесно и не управувајте моторно возило под дејство на алкохол - РСБСП