Ротвајлерот кој беснееше низ Аеродром, замина во Италија

Ротвајлерот кој во декември лани искаса десетина граѓани, меѓу кои и деца, наместо да биде усмртен како што првично беше најавено, по барање за вдомување тој замина во Италија.

-Ротвајлерот пред да заминие во Италија е ресоцијализиран и кастриран, објасни в.д. директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.

Ротвајлерот кон крајот на минатата година искаса осум луѓе од кои пет деца низ Аеродром и Гази Баба. По овој немил настан по кој знае кој пат се отвори прашањето за нерешениот проблем со кучињата миленици и скитници во главниот град, а граѓаните во свои раце ги преземаа работите фрлајќи отров по парковите и улиците при што многу животни беа отруени.

Атанасов информираше дека Агенцијата е во план за домашните миленичиња да набави 100.000 микрочипови во вредност од 18 милиони денари. Микрочипирањето ќе биде бесплатно за сопствениците на кучиња и мачки, а сопствениците ќе треба да ги платат само вакцината против беснило и пасош, што изнесуваат околу 750 денари. Микрочипирањето се очекува да почне во мај – јуни годинава, а истото покрај податоци за сопственикот ќе содржи и податоци од кои болести е вакцинирано.