Ролер-трка на скопските улици

Под мотото „Возиме кон иднината“ в петок со почеток во 12 часот ќе се одржи шестата „Ролер-трка 2017“, позната како „Ролеријада“, која ја организираат Детскиот културен центар „Kарпош“ и Градот Скопје. Стартот на трката ќе биде на булеварот Илинден кај фонтаната „Лотосов цвет“ до клучката со улицата Никола Тесла.

Во оваа спортска манифестација ќе учествуваат деца од над 30 училиштата од градот и околината, а целта е развивање на спортскиот дух на нашите најмлади, како и создавање навики за спортување.

На „Ролеријадата“ ќе бидат доделени по 3 награди за најуспешните учесници во машка и женска категорија.

- Со мислата „Во здраво тело, здрав дух“ сакаме да ги анимираме нашите најмлади да ги засакаат ролерите и да го развијат духот на масовната дружба. Со унапредувањето на ролер-спортот градот ќе се збогати со уште една масовна манифестација, која станува традиционална, а од година на година и се помасовна – велат организаторите.