Родителите носат болни деца во градинка – децата си ги разменуваат бактериите

Настинки и вируси измачуваат многу дечиња периодов, па ги преполнуваат чекалниците и ординациите на матичните лекари и на педијатрите.

Заладувањето, но и влажното време, а особено дружењето и контактите во градинките и во училиштата им одат во прилог и на пренесувањето и на размножувањето на вирусите.

Дечињата во многу градинки често се разболуваат ширејќи си зарази меѓу себе, па вирусите и бактериите ротираат од едни на други.

Носењето болни деца во градинките е стар проблем. Вработените не секогаш може да ги препознаат, особено кога родителите набрзина ќе ги остават наутро. Родителите, пак, имаат проблем кога нема кој да им ги чува, а не сакаат или не можат да отсуствуваат од работа, особено ако работат во приватниот сектор.

Децата во градинките си играат со исти играчки, седат во една иста просторија, спијат сите заедно. Тоа е доволно за пренесување на бактерии. Доволно е само едно дете да биде болно. Особено во групите каде што децата се помали и каде се уште имаат слаб имунитет, па лесно можат да се разболат.

Затоа, лекарите советуваат да се внимава на храната, децата редовно да се шетаат надвор, соодветно облечени, да се избегнуваат контакти со болни и редовно да се проветруваат просториите, а особено да не ги водат децата во градинките кога се болни.