Родители почнаа да ја одбиваат вакцинацијата за своите деца - се појавија епидемии кои беа оддамна искоренети

Право на секое дете во Македонија е да биде вакцинирано, должност на секој родител е редовно да го носи своето дете на вакцинација, а обврска на здравствените лица е редовно да ја извршуваат вакцинацијата кај децата.

Во поново време одреден број родители почнаа да ја одбиваат активната имунизација за нивните деца, поради што на одредени места повторно се појавија епидемии кои беа оддамна искорениети, пишува МИА.

Според едни за тоа се виновни социјални медиуми, каде секојдневно протекуваат инфомации за кои медицинските работници велат дека се неточни или делумно вистините, а според други родителите не се доволно поткрепени со информации за квалитетот и безбедноста на вакцините.

Во Македонија вакцинацијата е задолжителна и доколку родителот/старателот одбие неговото дете да ги прими сите потребни вакцини, следува глоба од 300 до 650 евра во денерска противвредност.

Бидејќи е задолжително, при упис  во градинките и училиштата надлежните бараат потврда каде е наведено дека детето ги има примено сите  вакцини, но според неименувани извори, родителите успеваат да добијат таков документ од здравствените работници и покрај тоа што нивното дете не е вакцинирано.

Од Министерството за здравсто на Македонија наведоа дека во текот на изминатиот период во Република Македонија се чувствува присуство на антивакцинални движења, а особено кај лица кои без стручно познавање од оваа област многу лесно подлегнуваат на шпекулации и невистини, користејќи нестручни и неофицијални интернет сајтови и непроверени извори.

- Споделувањето на овие информации на социјалните мрежи и одобрувањето од останатите, го шири кругот на лицата кај кои се создава сомнеж околу квалитетот на вакцините и можните несакани реакции, а во нивната коресподенција најчесто вакцините ги обвинуваат за аутизам, леукемија други типови на карцином,  психолошки и други заболувања, истакнуваат од Министерството.      

Македонското Министерство за здравство апелира дека, токму затоа многу е важно за овие прашања да се консултираат исклучиво вистинити, стручни и официјални лица, да се информираат и едуцираат родителите,  да се охрабрат и убедат во квалитетот и безбедноста на вакцините и да го вакцинираат своето дете.

Вакцините во Република Македонија се испитуваат од страна на Фармацевтскиот Факултет и Институтот за јавно здравје. Надлежна институција во однос на користење на вакцините, односно нивно пуштање во промет, е Агенција за лекови и медицински средства.

Вакцините во Република Македонија се увезуваат од реномирани производители, што се квалификувани на листата на Светската здравствена организација, проверени од страна на соoдветни Агенции за лекови.

Последните години вакцините кои  најмногу се увезуваат во нашата држава се од француската компанија „Пастер“, „Глаксо“ од Белгија и „Булбио“ од Бугариjа.

Министерството за здравство на Македонија го застапува ставот дека, во светски рамки нема докажано за никаква поврзаност меѓу вакцините и појавата на аутизмот кај децата.

Според податоците од  Институтот за јавно здравје на Македонија, во текот  на 2015 година,  во Македонија се регистрирани 48 поствакцинални реакции по имунизацијата.  Во 32 (66,7 отсто) случаи се работи за вакцинација со Ди-Те-Пер вакцина или нејзина комбинација со други вакцини.  

Од Институтот наведоа дека, во текот на 2015 се воведени поливалентните вакцини,  така што  кај 11 деца (23 отсто) од појавените реакции се однесуваат на пријави за реакции по апликација на поливалентни вакцини. 

Во текот на 2016 и 2017 година се евидентирани по 11 поствакцинални реакции по имунизација за секоја од годините, со тоа што реакциите по апликација на поливалентните вакцини се регистрирани во осум и седум случаи, соодветно. 

Во однос на МРП вакцинацијата, во периодот 2016 – 2017 година се регистрирани  вкупно три поствакцинални реакции, од кои една во 2016, а две во 2017 година.

Македонскиот Институт за јавно здравје напоменува дека, од локалните реакции по вакцинацијата што се регистрирани во 50 отсто од пријавените случаи, најчесто се регистрираат оток, црвенило  и болка на местото на апликацијата на вакцината.  

Најчеста симптоматологија која ги следи општите реакции (останатите 50 проценти) е покачена телесна температура од над 38 степени, а во поединечни случаи се регистрираат конвулзии, осип, малаксаност, вознемиреност, сонливост, плачење.  

Најважно од се при аплицирање на вакцините детето да е во добра здравствена состојба, поради што лекарите кои се задолжени за имунизација спроведуваат испитување со цел да проверат дали детето е во можност во моментот да ја прими потребната вакцина.

При имунизацијата, педијатрите ги информираат родителите за нуспојави, што можат да се појават по вакцинирањето.

Вакцинацијата во Македонија е бесплатна, вакцинирањето и ревакцинирањето се врши согласно календарот за вакцинација.

Според лекарите невакцинираните деца го загрозуваат „имунитетот на стадото“, а најмногу им наштетуваат на имунокомпримитираните лица.

Со вакцинација детето се заштитува од повеќе опасни детски болести. Вакцинацијата го зајакнува имунитетот на детето и истото станува отпорно на најтешките детски заразни болести.

Само со редовна и целосна вакцинација се обезбедува сигурна заштита. МИА