Панчо и Андреј од аренби-двоецот „ДНК“ официјално најавија дека нивниот голем славенички концерт, со кој одбележуваат 15-годишно постоење на македонската естрада, ќе се одржи на 12 мај во арената „Метрополис“ во Скопје. 

Наедно тоа ќе биде и концертна промоција на нивниот последен студиски албум „Уште еден ден“.  

Гости ќе им бидат: браќата Тавитјан, Тамара, Дарко Илиевски, Роберт Билбилов, Магдалена Цветковска-Ена, како и специјални гости, чии имиња сѐ уште не ги откриваат. За загревањето на атмосферата ќе се погрижат диџеите Ајри Скреч, Фити Флоу и Нести.  Местото на концертот не е случајно одбрано, бидејќи „ДНК“ во 2011 година во „Метрополис“ го одржа првиот солистички концерт во придружба на својот бенд. Публиката овој пат ќе може со нив да ги отпее песните од последниот албум, но и најголемите хитови од нивната 15-годишна кариера, како: „Срце“, „Што сака нека биде“, „Север и југ“,„Она е од Шутка“, „Авион“, „Само таа знае како“, „Најмила“, „Стојам сам“, „Навлечен на тебе“, „Полна месечина“... 

Билетите за концертот ќе бидат пуштени во продажба од понеделник, a ќe може да се набават преку продажната мрежа на „Мк.тикетс“ и до 24 април ќе чинат 200 денари, за фанпитот 300, а за ВИП-делот 400 денари. Вратите на арената ќе бидат отворени од 20 часот, а почетокот на концертот е закажан во 21 часот. Концертот е во организација на „Горила продукција“.