Роамингот со соседите поевтинува за еден месец

За 70 отсто поевтин роаминг ќе имаат граѓаните од први јули. Оваа поволност ќе ја имаат кога ќе разговараат со граѓани на Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Она на што инсистираме за да се избегнат долгите постапки во преодниот период, додека операторите не ги спроведат потребните механизми, е да одредиме фиксни цени што би биле намалени од 70 до 80 отсто – изјави директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), Сашо Димитриоски.

Димитриоски најави дека се очекува намалување на роаминг услугите и со соседна Грција до крајот на годинава.

Се очекува со намалување на цените, значително да се зголеми сообраќајот во роаминг.

Крајна цел е до јули 2021 година, роаминг услугите да бидат целосно укинати и да се наплаќаат како во домашниот сообраќај, што е случај со земјите во Европа.