Ракометарите на Вардар имаат шанса уште викендов на гостински терен кај белоруски Мешков Брест да го потврдат првото место во групата, а со тоа да обезбедат директен пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Со евентуален триумф „црвено-црните“ на едно коло до крај на мечевите од главната фаза ќе обезбедат пласман во Топ-8 фазата и ќе ги прескокнат осминафиналните мечеви.

Во прилог на Вардар e и поразот на Рајн Некар во четвртокот на гостувањето кај Цеље каде словенечките ракометари славеа со 37:31. Сега на табелата во Б групата Вардар има 18 бода, пред Рајн Некар со 17 (меч повеќе) и Киелце со 16 бода.

Вардар „бара" само два бода на последните две средби. Во случај да има ист број бодови со една од екипите на крајот од регуларниот дел, Вардар ќе биде првопласиран бидејќи има подобра меѓусебна гол разлика. Со победа ќе се решат сите дилеми.

Натпреварот меѓу Мешков и Вардар е закажан за денес во 17:30 часот.

Колку што е важен за нас натпреварот за задржување на првото место, така и домаќините имаат своја математика и се надеваат на можно освојување на четвртото место во групата.

- Знаеме колку е важен овој меч, ако сакаме да ја задржиме првата позиција и да останеме на тоа место. Знаеме како е, и колку тешко ќе биде за нас. Видовме како играа против Кјелце и Рајн некар. Имаат добри играчи, силен тим се со високи и брзи играчки. Ако сакаме да го исполниме нашиот план треба да победиме, вели Жоан Кањељас, бекот на Вардар.

Сезонава Вардар трипати играше против Мешков. На почетокот на регионалната лига ремизиравме, 34:34, а потоа двапати победи, еднаш во СЕХА лигата, 30:35 и еднаш во ЛШ со 31:27.