Револтирани возачи, пешаци и пациенти - за влез во Клиничкиот центар во Скопје се чека и по половина час

Колони од автомобили, сирени, нервоза... Револтирани возачи, пешаци и пациенти. За влез во Клиничкиот центар во Скопје се чека и по половина час.

Ваква е сликата секој ден на Водњанска. Најголемата гужва е во утринските часови кога медицинскиот персонал доаѓа на работа, а болните на закажаните термини за преглед.

Решавање на овој проблем најави и министерот Филипче на првиот негов јавен настап пред месец дена. Но, ниту сообраќајната полиција која е присутна пред влезот неможе да го реши хаосот. Најголемиот застој се прави на рампата за влез. Иако министерот за здравство најави посебен паркинг за вработените надвор од кругот на Клинички засега нема ништо од тоа.

Во меѓувреме од Владата информираат дека на седница била разгледувана информацијата за изградба на новиот Клинички Центар кој најверојатно ќе биде на истата локација, но финалната одлука ќе ја соопштат до крајот на февруари. Од она што го презентираше Владиниот портпарол може да се заклучи дека планот за Нов клинички е сличен како и оној на претходната власт. 21 Клиника ќе бидат поврзани, а посебно ќе останат Детска, Инфективна, Кардиологија и Максилофацијална. Разликата е што актулната Власт најавува дека Новиот Клинички ќе чини 120 милиони евра, а претходната Влада во мај потпиша договор за градба во вредност од 72 милиони евра.