Ретроспективна изложба на Глигор Стефанов во МСУ

Ретроспективната изложба „Грабење во просторот“ (1981-2019) на Глигор Стефанов вечер, со почеток во 21 часот, ќе биде отворена во Музејот на современа уметност. Ова е прв настан во рамки на 40. издание на манифестацијата „Скопско лето 2019“.

Изложбата е во продукција на Музејот на современа уметност (МСУ). Кураторскиот тим од оваа културна институција две години ја организирал изложбата и го истражувал целокупното творештво на Стефанов. На изложбата ќе бидат претставени сите негови циклуси, визии, линеарни интервенции, летала, ангели, гнезда, изработени во периодот од 1981 до 2019 година. Ќе бидат претставени преку 11 инсталаци и 50 фотографии од инсталации кои не можат да се реплицираат.

– Стефанов според она што го прикажува се потврдува како еден од најзначајните македонски ликовни уметници во последните 40-тина години, информираат од МСУ.

 

Уметникот Глигор Стефанов вчера на прес-конференција соопшти дека по 30 години се враќа на македонската сцена, а е отсутен од 1986 година кога имал изложба во Музејот.

– Целата изложба е поделена на три дела. Имаме една голема инсталација, во должина од 100-тина метри која ги отсликува сите мои циклуси од последните четири години, рече Стефанов, додавајќи дека колку што е изложбата ретроспективна исто толку таа е и нова, со нови работи.

Глигор Стефанов е роден во 1956 година во Кавадарци. Дипломирал и магистрирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, отсек вајарство. Од 1988 година живеел и работел во Лондон, а од 1995 година се преселил во Виндзор. Зад себе има неколку самостојни, групни и ретроспективни изложби. Добитни е на многу награди, меѓу кои се „Млад борец“ за скултптура, награда „7 Септември“, Кавадарци…