Реконструкцијата на Владата денеска на собраниска седница

Собранието денеска во рамки на 103. седница треба да ги гласа предлозите за разрешување на членови на Владата и за избор на нови министри.

Пратениците ќе гласаат за избор на Трајан Димковски за нов министер за земјоделство, Насер Нуредини за животна средина и просторно планирање, Хусни Исмаили за култура, Горан Милевски за локална самоуправа, Садула Дураки за политички систем и односи меѓу заедниците и премиерот Зоран Заев за министер за финансии, функција што ќе ја извршува во определен период заедно со функцијата претседател на Владата.

Собранието треба да ги разреши Драган Тевдовски од функцијата министер за финансии, Љупчо Николовски од функцијата министер за земјоделство, Сухејл Фазлиу од функцијата министер за локална самоуправа, Садула Дураки од функцијата министер за животна средина, Зоран Шапуриќ од функцијата министер без ресор задолжен за инвестиции и Хазби Лика од функцијата министер без ресор задолжен за спроведување на Рамковниот договор.

Имињата на новите министри во Владата, премиерот Заев ги објави во неделата во Валандово, по што предлогот беше доставен до претседателот на Собранието Талат Џафери.

Сите кадровски промени во извршната власт, Заев очекува да завршат до крајот на месецов и најави дека очекува со реконструкцијата да биде направена смена и на околу 20 места во централната власт.

Во рамки на оваа седница пратениците треба да ги разгледаат и Предлог на одлука за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија,  Предлог на закон за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, по скратена постапка и Предлог на одлука за давање согласност на Статут на Универзитетот во Teтово.